Вршителот на должност американски секретар за одбрана Патрик Шанахан денеска пристигна во ненајавена посета на главниот град на Авганистан, Кабул.

Портпаролот на американските сили во Авганистан, Дејв Батлер изјави дека Шанахан ќе се сретне со претставници на авганистанската Влада и со раководството на мисијата на НАТО во земјата.

Ова е прва посета на Авганистан на Шанахан, кој го замени секретарот во заминување Џим Матис, во екот на американските напори за политичко решавање на авганистанскиот конфликт.

– Разговорите се фокусирани на загриженоста за националната безбедност на Авганистан, рече Батлер.

Портпаролот на авганистанскиот претседател Шахусаин Муртазави рече дека в.д. секретарот за одбрана треба да се сретне со претседателот денеска попладне.

Од јули минатата година, претставници на САД пет пати се сретнаа со талибанците, а последниот состанок беше одржан минатиот месец.

Иако американските медиуми објавија дека претседателот Доналд Трамп планира драстично да го намали бројот на војниците, Шанахан истакна дека „нема наредби за намалување на американските војници во Авганистан“.

Во моментов во Авганистан се стационирани околу 14.000 американски војници.


Администратор
11/02/2019 11:21