Тринаесет месечно дете почина од компликации предизвикани од морбили (мали сипаници) на Клиниката за детски болести во Скопје.

Ова е втор случај на починат пациент откако пред три дена шестмесечно бебе заболено од морбили почина на Клиниката за инфективни болести во Скопје.

Алармантноста на ситуацијата ја потврдуваат последните два случаеви кои се резултат на контроверзниот процес на вакцинирање уште од самиот негов почеток. Иако медиумите го објавија скандалот дека дел од вакцините се со изминат рок, сепак досега ниту еден функционер од здравствениот систем не понесе одговорност за штетата направена на грбот на пациентите.

Дека последниот случај ја прели чашата на јавноста сведочат и денешните бурни реакции на социјалните мрежи во врска со ситуацијата во јавното здравство.

Еден од нив е и поранешниот директор на Фондот за здравствено осигурување Сашо Стефаноски, кој на својот фејсбук профил истакна дека во нормална држава, во ваква ситуација, оставка на одговорните во здравството е најмалку што може да се направи:

„Ова е трагедија од невидени размери! Сочувство до семејствата. Мора да се преземе одговорност за оваа ситуација во македонското здравство! Ова е недозволиво, неприфатливо и директна последица на неодговорност! Мора да има оставки! Тоа е најмалку што може во овој момент!“ - смета Стефаноски.


Администратор
10/02/2019 15:43