Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје се подмлади со 19 нови пожарникари, но се уште е далеку од европските стандарди во однос на кадровската екипираност, доколку се има предвид дека на 1.500 жители треба да има еден пожарникар, а кај нас соодносот е речиси 1:4.

Противпожарната служба во Скопје треба да брои 385 пожарникари, а во моментот таа располага со 190 обучени оперативци, кои со новопримените достигнуваат бројка од 209 пожарникари. За нормално функционирање на ТТПЕ во Скопје како најголема противпожарна единица во државата потребни се 260 до 270 пожарникари.

Новиот командант на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, Владимир Симоновски, кој на функцијата стапи од јануари, вели дека македонскиот пожарникар професионално по ништо не се разликува од германскиот. Разликата е во тоа што германскиот пожарникар има опрема, а македонскиот нема и мора да импровизира.

– Пожарникарот во Германија не се грижи дали возилото ќе му запали или не, а кај нас, иако возилата се исправни, сепак пожарникарот оди со страв затоа што имаме возила од 1981 година. Униформи немаат добиено четири години. Сите вработени пожарникари треба да добијат орден бидејќи успеваат со овој капацитет и опрема да го покријат цело Скопје без никаков проблем. Сите пожари се завршени без поголеми последици. Тоа се луѓе професионалци кои си ја завршуваат работата, дури и со оваа опрема која ја имаат, истакнува Симоновски во изјава за МИА.

Посочува дека голем проблем претставуваат бирократските процедури поради кои огласите за вработување траат премногу долго, а долга е и процедурата при набавка на нови возила.

– Вакви служби не можат да трпат вакви бирократки работи, вели Симоновски, додавајќи дека имаат реален проблем и со тоа што на пример во огласите за вработување не може да стават години до кои може да се примаат новите пожарникари бидејќи тоа би било спротивно на Законот за дискриминација, па така на последниот оглас имале случај да се пријави 48-годишен кандидат.

За разлика од соседните држави кои го обновија возниот парк во противпожарните служби, во Македонија може да се најдат и противпожарни возила од 1973 година кои се уште се во возна состојба.

– Во просек возилата ни се стари околу 29 години. Не можеме да живееме само од донации. Последното возило што е купено од Град Скопје е од 2005 година. Сегашниот градоначалник е расположен да се направи се што може за обновување на возниот парк, за опрема на пожарникарите и за подобрување на условите за работа, вели Симоновски.

Од Град Скопје за МИА изјавија дека во континуитет вложуваат во опремување и модернизација на Противпожарната бригада што е под надлежност на Градот и оти за годинава е планирана набавка на противпожарна автомеханичка скала со висина од 75 метри и две специјализирани противпожарни возила, а според најавите пожарникарите ќе добијат и нова униформа и опрема во вид на изолациски дишни апарати.

– Во 2019 година планирана е набавка на противпожарна автомеханичка скала (со големина од минимум 75 метри) за што се предвидени 28 милиони денари, набавка на две специјализирани противпожарни возила за што се предвидени 23,6 милиони денари, како и набавка на униформи и специјализирана опрема во вид на изолациони дишни апарати, специјализирани обувки и слично. Во насока на подобрување на брзината и ефикасноста со која реагира Противпожарната бригада минатата година беше пуштена во употреба новата противпожарна во Ѓорче Петров, а во 2019 година се предвидени и средства за изработка на идејни решенија и проекти за изградба на вакви станици во Кисела Вода и Скопје Север, посочуваат од Град Скопје.

Недоволната екипираност на противпожарните бригади во државата го отвара прашањето дали со тоа се доведуваат во опасност животите на пожарникарите и на населението. Бројни се случаите со неисправни возила и недоволен број вработени и во останатите противпожарни служби во помалите градови низ државата. Она што најверојатно треба да се направи е да се реформира противпожарната служба како што направи Хрватска по големите пожари на Корнатите кога загинаа пожарникари. Тогаш Хрватите комплетно ја реформираа својата противпожарна служба и немаат постаро возило од 12 -13 години.

Билјана Анастасова – Костиќ

фото: Ивана Батев


Администратор
09/02/2019 12:36