Здружението „Ахмадија“ и невладината организација „Humanity First “, денеска на општина Куманово и донираше специјално возило, кое ќе се користи за превоз на ученици со пречки во развојот. Општината ќе ангажира професионални возачи кои ќе помогнат во превоз на учениците со посебни потреби.

Градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски и преставникот на организацијата Абдулах Вагусхаузер, денеска информираа дека претходно одржале средба во Германија каде што разговарале за можните донации за општината.

-Благодарни сме како општина за овој хуман гест. Особено сум импресиониран како функционира волонетризмот преку оваа организација со која се помага на локалните заедници, изјави Димитриевски.

Тој најави дека идната годината општината ќе набави сопствено возило за превоз на ученици со пречки во развојот и додаде дека за потребите на општина Куманово за овие деца потребни се минимум шест возила. Димитриевски, рече дека во минатото превозот се организирал преку такси компании кои во последно време не пројавуваат интерес за учество на тендерските постапки за оваа дејност.

Вагусхаузер истакна дека нивната организација е една од најстарите муслимански организации во Германија и дел од нивното крило „Humanity First “, се залага за помош на луѓето со посебни потреби. Тој рече дека е импресиониран од општината и од градоначалникот кои се залагаат да се задоволат потребите на различните категории граѓани.

-Се надевам дека соработката ќе продолжи и понатаму, изјави Вагусхаузер.

Во Куманово има околу 90 ученици кои посетуваат активна настава во училиштата, дел од нив имаат потреба од специјално возило за транспорт.


Администратор
22/01/2019 16:40