Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој како надлежна институција и договорен орган за спроведување на Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на ЕУ од канцаларијата отворена во Кичево ги повика сите заинтересирани физички и правни лица од градот и околината да достават барања за користење на материјалните средства од ИПАРД Програмата 2014-2020.

Во канцеларијата на Агенцијата во Кичево, потенцијалните корисници може да добијат советодавна и текничка помош како и помош при изработка на текнички предлог проект за успешно аплицирање на ИПАРД програмата, појасни преставникот на канцаларијата во Кичево Лупчо Даниловски кој додаде дека до сега има интерес за аплицирање иако конечната бројка ќе се знае после крајниот рок.

Финансиската поддршка е составена од 75 проценти средства обезбедени од Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД) согласно Финансиската Спогодба 2014-2020 и 25 отсто средства обезбедени од Буџетот на Република Македонија. Финансиски средства по поединечно барање се доделуваат како неповратна финансиска поддршка (грант) во износ од 60 проценти од вредноста на вкупно прифатливите трошоци на инвестициите за мерка Инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства. Процентот се зголемува до 65 отсто за инвестиции во земјоделски стопанства предложени од страна на млади земјоделци (физички лица на возраст од 18 години до 40 години на денот на поднесување на барањето за финансиска поддршка) и 70 проценти за инвестиции во земјоделски стопанства во планинските области.

Крајниот рок за поднесување на барањата е 9 февруари 2019 година. Вкупната финансиска поддршка изнесува 11.883.772 евра.


Администратор
14/01/2019 13:51