Како резултат на актуелната состојба со појавата на морбили во детските градинки во државата, Јавната општинска установа детска градинка „Бамби“ од Македонска Каменица донесе указ со што се забранува прием на децата кои не се вакцинирани од морбили, рубеола и паротит (МРП), пренесува МИА.

Како што истакна директорката на градинката Снежана Златановска, засега не е регистриран случај на морбили во детската установа.

– Сметаме дека треба да се почитуваат одлуките што се донесени од страна на Министерството за здравство. Укажувањата и препораките се во насока на превенција и поголема безбедност на децата и затоа како ЈОУДГ „Бамби“ донесовме таква одлука со која ги информираме родителите дека поради првенција, безбедност и заштита на децата, во установата нема да примаме деца кои не се вакцинирани. Иако немаме случај на морбили во нашата установа сметам дека ваквата одлука е исправна и ќе придонесе да не дојде до појава и на други болести кои се искоренети, вели Златановска.

Додава дека казните за невакцинирање на децата се движат од 350 до 650 евра со што апелира до родителите да се придржуваат кон обврските.

Во градинката „Бамби“ во Македонска Каменица во моментов се згрижени 160 дечиња, од кои дел се дечиња кои доаѓаат од руралните средини.


Администратор
12/01/2019 13:59