Близу 300 понуди за учество на јавниот повик за давање под закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост до три хектари пристигнаа во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), заклучно со вчерашниот ден, информираат од МЗШВ. Рокот за поднесување понуди за учество на јавниот повик заврши вчера.

Оттаму известуваат дека се работи за повик на кој за разлика од огласите за кои што МЗШВ ги објавува расположливите парцели, сега им се овозможило на земјоделците, доколку имаат информации каде има слободна земја, самоиницијативно да пројават интерес преку подготовка на геодетски елаборат и прибирање на сите потребни документи пропишани со јавниот повик.

Од МЗШВ велат дека со оглед на тоа дека дел од понудите се праќани по пошта, се очекува да пристигнат уште понуди и конечната бројка ќе се знае во вторник следната недела. Потоа ќе следува евалуација на пристигнатите понуди и склучување на договорите со земјоделците.

Јавниот повик беше наменет за целокупното земјоделско земјиште во државата или за 34 региони. Целта на овој повик е да се стави во функција целото расположливо земјоделско земјиште, особено оние парцели што не се атрактивни и што се со понизок квалитет од четврта, петта, шеста, седма и осма класа, а кои што можат да се искористат за производство, се наведува во соопштението од МЗШВ.

Воедно, како што посочуваат од МЗШВ, огласите за давање на земјиште под закуп се основа за аплицирање за ИПАРД 2 програмата и ќе придонесат за зголемување на бројот на апликации за оваа програма.

Од МЗШВ информираат дека земјиштето за кое што ќе склучат договор треба да го искористат за подигање на долгогодишни насади, оранжерии, долгогодишни насади со лешник, маслинарници, други земјоделски култури за период до 15 години, ливади за период до 15 години, за брзо растечки дрвја, за рибници и за спортско-рекреативни активности и рурален туризам.


Администратор
12/01/2019 13:53