Еден од најочекуваните договори за време на зимскиот прозорец беше официјализиран. Цеск Фабрегас веќе е играч на Монако откако премина во клубот од Азурниот брег во Челзи и потпиша договор до 2022 година. Во тимот од Кнежеството, Фабрегас ќе игра под водство на Тиери Хенри, со кого играше во Арсенал од 2003 до 2011 година и кого го наследи како капитен на „топџиите“.

– Вистинско задоволство е да бидам тука. Ќе играм заедно со квалитетни млади играчи и млад тренер. Јас сум возбуден и не можам да чекам да започнам. Ќе имаме одличен натпревар со Марсеј во недела и сакам да бидам максимално корисен за клубот, беа првите зборови на Цеск.

Заменик-претседателот на Монако, Вадим Василиев беше пресреќен од привлекувањето на Шпанецот.

– Тој е играч од светска класа и докажан професионалец, а со неговото привлекување ја покажуваме амбицијата на нашиот тим. Ние веруваме дека неговото непроценливо искуство од високо ниво ќе биде од корист за другите играчи на теренот и пошироко, смета Василиев.

Во својата кариера досега, Фабрегас има 350 натпревари во Премиер Лига (212 за Арсенал и 138 за Челзи) и 96 за Барселона во Ла Лига. Со репрезентацијата на Шпанија има одиграно 110 натпревари и постигнато 15 гола, откако тој освои две европски и една светска титула, а на клубско ниво има две титули на Англија, една на Шпанија, два трофеи во ФА Купот, како и триумфи во Кралскиот Куп, Супер Купот на Шпанија, Суперкупот на УЕФА и Светското клубско првенство.


Администратор
12/01/2019 02:12