Министерката за правда Рената Дескоска по денешниот брифинг со новинарите изјави дека очекува годинава Собранието да биде посветено на реформскиот пакет закони и 2019. да биде година на реформи во правдата, бидејќи тие се и клучниот услов за евроинтеграцијата, пренесува нетпрес.

„Бомбите“ пуштени низ вода – СЈО ќе мора да бара нови докази

Иако министерката Дескоска истакна дека очекува реформските закони да бидат поддржани и од страна на опозицијата, особено оние кои се усвојуваат со двотретинско мнозинство, односно со поддршка од 80 пратеници, таа сепак нагласи дека е неизвесна поддршката за Законот за СЈО, кој неодамна го изготвија обвинители од оваа институција заедно со владини претставници.

Со предлог законските измени се предвидува проширена надлежност на СЈО, кое би функционирало во рамките на ОЈО.

Дел од пратениците, особено од опозицијата, сепак изразиле негодување за евентуалните измени и наводно, нивен услов, за да го поддржат законот, е да се забрани користењето на „бомбите“ како докази во обвиненијата на СЈО. Оттаму, најголемиот дел од обвиненијата кои ги поднесува СЈО би можеле да пропаднат. Според Дескоска, обвиненијата кои досега се покренати, доколку се направи компромис со опозиционерите, не би биле засегнати, а мерката за забрана за користење на прислушуваните разговори би се однесувала на истрагите и предистрагите. Министерката додаде дека „бомбите“ ќе можат да се користат само како индиции за сторени кривични дела, а обвинителите од СЈО, врз основа на индициите би биле приморани да бараат нови цврсти докази за да го поткрепат обвинението. Дескоска потенцираше дека каков и да е финалниот предлог за овој закон, СЈО како институција ќе мора да ја задржи својата моќ.

Дел од истрагите на СЈО се за предмети преземени од редовните обвинителства и за нив СЈО може да поднесе обвининие со рок од 18 месеци по преземање на предметот, а останатите истраги ќе зависат од законското решение и волјата на пратениците.

Во дел од тековните истраги на СЈО се вклучени и функционери на ДУИ. Лидерот на партијата, Али Ахмети, е осомничен во истрагата „Попис“, а Бујар Османи во истрагата „Пациент“. Оттука, неизвесно е која форма на закон за статусот на СЈО, ќе ја поддржат пратениците на ДУИ.

Министерката за правда очекува безрезервна поддршка од целиот Парламент за носење и на Законот за судови што веќе има позитивна оценка од Венецијанската комисија и, како што додаде, таа оценка укажува дека сите нивни препораки се имплементирани, како и на Законот за прекршоци со кој се намалуваат казните и глобите за граѓаните и за фирмите.


Администратор
11/01/2019 16:05