Претседателот на Европската народна партија во Европскиот Парламент (ЕПП) Манфред Вебер, кој е близок соработник на канцеларката Ангела Меркел и најсериозен кандидат за иден претседател на Европската Комисија, вчера негираше дека го поддржува договорот од Преспа.

Вебер првично беше цитиран од страна на лево-ориентираниот портал од Брисел, „Еурактив“, дека наводно изразил поддршка за договорот меѓу Заев и Ципрас. Според „Еурактив“, Вебер кусо им изјавил дека „спорот за името мора да се реши за Македонија да добие позитивна економска и европска иднина“, што „Еурактив“ го претстави како негова поддршка за договорот.

Но, доцна попладнето Вебер, преку социјалната мрежа „Твитер“, негираше дека го поддржува договорот Заев – Ципрас.

Јас целосно ја поддржувам чувствителноста на грчкиот народ по прашањето за името на БЈРМ. Не дадов интервју на оваа тема. Го поддржувам ставот на Киријакос Мицотакис и силно верувам дека тој ќе ја поведе Грција кон стабилност и просперитет и ќе се спротистави на популизмот, напиша Вебер.

Неговото отфрлање на договорот доаѓа во време кога токму Меркел е во Атина на средби со грчкиот државен врв, но и со опозициската партија Нова Демократија, која се спротиставува на договорот. Нова Демократија, исто како и ВМРО-ДПМНЕ, е членка на Европската народна партија на Вебер, која е најголемата конзервативна партија во Европа, и ги држи клучните позиции во Европската Унија.


Администратор
11/01/2019 16:05