Овие осумдесетмина отстапници не се свесни дека правдата, навидум колку и да е слаба, на крајот секогаш победнички триумфира. Единственото нешто што ќе го заработат од трговијата со светињата и од примената на насилството е народната осуда и вечното проклетство.

Неправдата врз послабиот и незаштитениот, на насилникот и на неговите најблиски, им носи несреќа и илјадагодишно проклетство.

Паметиме што зборуваа пред да бидат избрани Елизабета Канческа Милевска, Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов и останатите одметнати пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, а сега ја гледаме нивната бламажа и бесрамност.

Кога градеа кариери врз грбот на нивните поддржувачи, имаа однесување на лавови, а кога малку им се приближија хиените, добија облик на инсекти.

Во какво ВМРО залутале овие профитери, овие без’рбетни облици на живот? На каква, пак, лева опција се наследници пратениците од СДСМ, кога без никаков срам тргуваат со придобивките на АСНОМ? Зарем заборавиле на неброените жртви од првата половина на 20. век, чии идеали сега безочно ги погазуваат? Од каков материјал се создадени сите овие луѓе, зарем обична вода наместо крв тече во нивните вени? Овие однародени и нечесни пратеници, кои бавењето со јавна служба го користат само за гол профит, од нас, кои им го дадовме мандатот, го заслужуваат единствено нашиот презир.

Ги презираме и отфрламе оние кои работат здружно на нашето колективно убиство и уништување. Оној кој прави неправда и насилие кон слабиот и незаштитениот е проклет за вечни времиња.


Администратор
11/01/2019 15:28