Иако цела македонска јавност беше во очекување на исходот од гласањето во Собранието за Уставните амандмани и промена на Уставното име на Република Македонија, сепак тоа не се случи.

Седницата започна во 12:00 часот попладне а уште на самиот нејзин старт по констатирањето на оставката на пратеникот Томислав Тунтев, Претседателот Џафери даде доста голема пауза од цели 4 часа, без да ја образложи потребата од толкава пауза. Сепак медиумите шпекулираа дека тоа е поради процедурите кои треба да се завршат за да следниот пратеник од листата на СДСМ го добие потребното уверение од ДИК и да може да одлучува како дел од владеачкото мнозинство во Собранието. Но тука се постави првата дилема. Зошто на нецели 24 часа пред почетокот на седницата за промена на името, еден од најгласните поддржувачи на Договорот од Преспа и координатор на пратеничката група на СДСМ си поднесува оставка и седнува во директорско столче? Единствениот логичен одговор на оваа ситуација е дека сепак Томислав Тунтев се премислил во однос на гласањето Република Северна Македонија.

Но иако продолжението беше закажано за во 16:00 седницата започна со повеќе од еден час задоцнување исто како и на 19-ти октомври кога власта до последен момент незнаеше дали има обезбедено 80 пратеници.

На изненадување на македонската јавност, на дневниот ред на пленарната седница покрај верификацијата на мандат на новиот пратеник и точките за промена на Уставот односно точките за утврдување на Предлог на амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Македонија, донесување на амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Македонија, прогласување на Амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Македонија и Предлог на уставен закон за спроведување на Амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија, беа ставени и две точки за измена на одлуки и тоа Предлог на одлука за изменување на Одлуката за испраќање на припадници на Армијата на Република Македонија за учество во мировната операција „Одлучна поддршка“, во Исламската Република Авганистан, под архисвки број 08-7569/1 и предлог на одлука за изменување на Одлуката за испраќање на припадници на Армијата на Република Македонија за учество во мировната операција „Одлучна поддршка“, во Исламската Република Авганистан, под архисвки број 08-7570/1.

Откако двете точки за измена на одлуките за испраќање на војници во Авганистан, поминаа со идентичен број на гласови односно со 78 гласа ЗА, Премиерот Заев зема збор и ги образложи точките за поднесените амандмани за промена на Уставот. Тој во говорот се заблагодари на Зијадин Села, исклучените пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, пратеникот Панчо Минов како и на партијата БЕСА на Касами, кој како што рече го поддржаа овој процес и ќе гласаат за него. Но веднаш по завршувањето на говорот на уште поголемо изненадување на јавноста, претседателот Џафери ја прекина седницата со образложение дека потребно е службите да го достават говорот на премиерот до пратениците за да тие го прочитаат уште еднаш, што е прв ваков случај и досега не било практика во Македонското собрание.

Makpress.mk во текот на денешниот ден веќе извести дека договор за Уставните измени помеѓу Касами и Заев нема и дека двотретинското мнозинство виси, што се покажа како точно бидејќи гласањето за промена на името е одложено за утре. Иако во Собраниската сала беа присутни и исклучените пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, лидерот на ДУИ Али Ахмети, лидерот на ДПА Мендух Тачи како и лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села и се беше подготвено за гласање за промена на името, сепак се чини дека бројот на гласови за измена на одлуките за испраќање на војници во Авганистан, кои на дневниот ред беа ставени веројатно со цел за пребројување на „силите“ во Собранието, го премисли владеачкото мнозинство во последен момент, бидејќи двете одлуки како и верификацијата на мандатот на Рубин Земон мнозинството ги донесе со 76 односно со 78 гласови.


Администратор
09/01/2019 19:34