Премиерот Зоран Заев во Лисабон, во рамки на дводневната работна посета на Португалија и неговото учество на Конгресот на ПЕС, одговарајќи на новинарски прашања за неколку странски медиуми изрази уверување дека инклузивниот процес во Парламентот и јавните дебати ќе успеат да обезбедат двотертинско мнозинство за усвојување на уставните измнеи кои се обврска од Договорот од Преспа.

-Досега како што се движат работите, преку еден интерактивен процес во самиот Парламент, верувам дека ќе се соберат сили да се обезбеди двотретинско мнозинство како што се обезбеди на самиот почеток, за да се отворат уставните промени. Јавната дебата во Парламентот е многу конструктивна, квалитетна и верувам дека и преку тоа граѓаните ќе дознаат и за сите детали од самиот Договор со Грција, но и Парламентот ќе изнајде начин како да собере сила и да ја гарантира иднината на Република Македонија. Затоа што конечно со овој Договор, а и претходно со Договорот со Бугарија, ние ги затворивме нашите билатерални проблеми, кои што ги имавме со соседите. Стануваме нормална земја, европска земја, каде што заедно со реформите се надеваме, убедени сме дека навистина ќе бидеме следната, триесетта земја-членка на НАТО и во јуни 2019 година, ќе ги отпочнеме преговорите со отворање на поглавјата за Европската унија, рече премиерот Заев, соопшти владината прес-служба.

На прашањето на медиумите за бегството и однесувањето на претходниот премиер, Никола Груевски, Заев рече дека согласно меѓународните стандарди и конвенции Груевски треба да биде вратен на издржување на правосилната судска пресуда во Македонија. Тој изрази надеж дека Унгарија ќе ги преиспита одлуките и ќе го врати на издржување на казната.

– Во Македонија, едно од најсилните реформи е реформата во правосудството, целиот правосуден систем е под строга контрола и мониторинг на Европската комисија и ЕУ и преку еден транспарентен процес, јасна е казната на Никола Груевски со правосилна пресуда, која што беше дадена од судот. Но, давањето на азил од страна на Унгарија за нас е навистина неприфатливо, затоа што ниту по еден меѓународен закон, меѓународна конвенција, дури и по законодавството на Унгарија, не е дозволен азил за човек, кој што е веќе осуден со правосилна пресуда. За нас е тоа многу горчливо чувство заради тоа што од една земја членка и на ЕУ и на НАТО, ваков сигнал да добиеме како земја кандидат навистина е непријатно. За нас, владеењето на правото е светост, за нас европските вредности се светост. Ние се надеваме на тие европски вредности и веруваме дека навистина Унгарија ќе ги разгледа своите одлуки, ќе одговори на нашите барања и ќе го врати Никола Груевски на издржување на казната, рече премиерот.

Тој додаде дека Европа знае да ни каже, многу јасно и отворено, кога нешто не чини во Македонија. Така треба да биде и во сите други европски земји.

-Европската комисија и многу други европски земји веќе реагираа, јас навистина се надевам пријателска Унгарија дека ќе постапи онака како што меѓународните Конвенции, меѓународното право тоа го предвидува. А, тоа е, да го прифати нашето барање за да го испорачаат или екстрадираат Никола Груевски назад во Македонија, додаде премиерот Заев стои во соопштението.


Администратор
09/12/2018 02:03