Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) треба да биде силна и да покаже способност да најде заеднички решенија за сложените заеднички проблеми, изјави италијанскиот министер за надворешни работи, Енцо Моаверо Миланезе на состанокот на шефовите на дипломатии на членките на ОБСЕ во Милано.

– Во сегашните сложени времиња имаме можност да покажеме дека ваква мултилатерална организација, која ги обединува земјите на територија од Ванкувер до Владивосток, е способна да собере различни држави на иста маса за изнаоѓање на заеднички решенија. Слушаме многу забелешки дека старите стравови се враќаат, но стабилноста на овој формат ни овозможува да се бориме со недовербата, која ќе помогне да се надминат несогласувањата и да се избегнат конфликти, истакна Миланезе.

Тој додаде дека благодарение на заеднички цели и задачи, ОБСЕ може да придонесе за подобрување на безбедноста.

Словачкиот министер за надворешни работи, Мирослав Лајчак, чија земја ќе го преземе претседавањето со ОБСЕ од Италија следната година, смета дека активностите на Организацијата бараат поголемо финансирање.

– Неопходно е да се гарантира ефикасноста на инструментите со кои располагаме. Ќе постигнеме успех само ако се придржуваме до основните вредности, додаде тој.

Лајчак ги осуди едностраните пристапи за решавање на проблематичните прашања и го оцени како недозволиво отфрлањето на мултилатералниот пристап.

Тој ги повика Русија и Украина да се откажат од употребата на сила и да вложат напори за деескалација на ситуацијата во Азовското Море.

Лајчак, исто така, истакна дека украинската криза и другите меѓународни конфликти ќе бидат во фокусот на ОБСЕ следната година.

На дводневниот состанок на Советот на министри за надворешни работи на ОБСЕ, учествуваат шефовите на дипломатијата на 45 земји.


Администратор
06/12/2018 19:22