Вкупно 67 крвни единици беа собрани на денешната крводарителска акција во Делчево. Организатор беше Општинската организација на Црвен крст од Делчево, која акцијата ја спроведе во соработка со Институтот за трансфузиона медицина од Скопје.

Според Јасмина Трајкова, од Институтот за трансфузиона мединица, денешната акција се одвивала без проблеми, а делчевчани се покажале како хумани граѓани.

-Редовно одржуваме крводарителски акции со хуманите граѓани на Делчево. Денешната беше последна крводарителска акција за месец декември. Морам да признам дека особено сме задоволни со денешниот одзив на крводарителите од вашата општина, кои подарија вкупно 67 крвни единици. Статистички гледано денес лицата од машки пол подарија 59 крвни единици, додека останатите осум крвни дарувања се резултат на желбата за крводарување од страна на припадничките од понежниот пол, рече Трајкова.

Таа додаде дека делчевчани добро стојат и во однос на годишниот предвиден план за крводарување, кој за годинава во целост е исполнет.

Според предвидениот план за работа на општинската организација на Црвен крст Делчево, последната крводарителска акција годинава ќе се одржи и во општина Македонска Каменица.


Администратор
06/12/2018 18:15