Лебот поскапе, а власта се прави слепа и дека не го гледа тоа. Основниот прехранбен продукт поскапува за 20 проценти заради неодговорноста и незаинтересираноста на оваа црна власт. Тоа што власта за една намена е неспособна да се справи со реалните проблеми, тоа што оваа црна власт не знае што да преземе во економијата, во земјоделството, со инвестициите, го плаќа народот!

Почитувани,

На оваа криминогена власт и се одмотува спиралата на поскапувања. Цените на лебот во секоја држава се најстабилни и ја отсликуваат состојбата на земјоделството и економијата воопшто.

Лебот поскапува заради лошите мерки, недостаток на квалификувана работна сила, зголемување на цената на пченицата во последните месеци за 40%, поскапување на енергенсите. „Зелената нафта“ која што ја ветија ја нема, а цената на горивото за механизацијата од 37 денари поскапе на 69 денари за литар. Цената на пченицата се формира врз основа на цените пред жетвата, а годинава пред жетвата на пазарот беа пуштени огромни количества пченица по цена од 7 до 8 денари, како и увезено брашно од Србија и од Косово и цената за македонските производители остана депласирана.

Почитувани,

Црно правило е дека кога поскапува брашното, кога поскапува лебот, почнува да врти инфланторното тркало на поскапувања на сета храна. Министерството не треба да реагира отпосле, туку да превенира. Доколку знае како.

ВМРО- ДПМНЕ во јули укажуваше на опасност од колапс и поскапување заради неодговорноста на власта. Апелиравме на покачување на откупната цена на пченицата со што парите ќе останеа кај домашните производители и преработувачите, а тоа ќе создадеше и стабилност на пазарот со откупувања на сите произведени количини. Наместо тоа македонската пченица завршуваше на странски пазари. Укажавме дека заради неатрактивност и неисплатливост на производство на пченица значително ќе се намалат површините под сеидба на лебно зрно, што и се случува.

Министерството за земјоделство потфрли во сите ресорни гранки. Ниедно од ветувањата до земјоделците не исполнија. Ветуваа загарантиран откуп, а луѓето во Ресенско ги фрлаа јаболките на буниште. Луѓето во Струмичко ги фрлаа нивните родови на буниште, зелките, сливите во Пијанечко и Малешевијата завршија исто така на буниште. Оризопроизводителите исто така во Кочанско. Праските во Росоман останаа необрани, маката на земјоделецот остана необрана.

Колку подолго ја злоупотребуваат државата со својата неспособност, толку поголема ќе биде цената која што сите ние ќе ја плаќаме.

Ги излажаа земјоделците, животот им го загорчеа, трудот им го зацрнеа, народот го осиромашија. Приклучете се на протестите секоја среда пред Влада, за што поскоро да го видиме грбот на оваа криминогена и неспособна власт.


Администратор
06/12/2018 15:40