Да се брендирам, да постигнам напредок во кариерата, многу врати се отворени, надградено знаење и искуство, конкурентни на многу пазари, напредок во професионалната и личната кариера… Ова се само дел од пораките на студентите од Македонија за нивните предизвици и идни планови по добивањето дипломи од Меѓународниот факултет на Универзитетот Шефилд, Сити Колеџ во Солун.

Церемонијата се одржа во Концертната сала во Солун, а по нејзиното завршување студентите со насмевки на лицето, букет цвеќе во рацете и капа на главата гордо се фотографираа. Дипломи им беа доделени и на студенти од регионот. Сите студенти имаат единствена цел – стекнатото богато знаење и искуство да го имплементираат во своите земји и да бидат конкуретни на сите пазари.

По земањето на дипломата Маја Глигоровска од Скопје, која завршила магистерски студии по маркетинг видно расположена ја почна својата приказна со зборовите „кога на првиот час на Универзитетот професорот ме праша кој бил предизвикот да студирам токму тука, мојот одговор беше „да се брендирам“.

Посочи дека „тоа значи дека Универзитетот, кој е еден од првите 100 најдобри универзитети во светот да застане позади вас“. Од денешен аспект, нагласи, е многу поразлично.

-Беше огромен предизвик кој траеше повеќе од три години, систем на учење, настава и знаење поразличен од македонскиот, од тоа на што сме навикнати. Предизвик е затоа што практично ти го доловуваат реалниот живот преку практични примери, затоа што те подготвуваат онака како што треба да се соочиш утре во животот, а не како што е замислено и теоретски претставено. Тоа не е кампањско или теоретско учење на памет, туку е примери од реален живот да се напишат на хартија, меѓутоа претходно да се прочита многу литература, да се консултираат релеватни извори и луѓе кои веќе имале искуство во тоа, да го сублимираш сето тоа, да ги споделиш нивните ставови и некаде измеѓу да го ставиш твојот личен став, перспектива на нештото, што е многу поразлично од нашиот систем, вели Глигоровска.

Многу врати се отворени, бидејќи многу знаење се стекнува, јазикот се усоврши, затоа што сме конкурентни на многу пазари и во Македонија каде можеме практично да го имплементираме тоа што го научивме, потенцира Глигоровска. Нејзината порака гласи „учете, грабајте со сета ваша енергија, емоција и посветеност, затоа што тоа отвора многу врати. – Вреди и по цена никогаш да не земам пари од тоа или материјално да ми се одрази, вреди затоа што јас сум побогата, ја заврши приказната Глигоровска. Со надградени знаења за обезбедување поуспешен бизнис и дипломец од МБА програмата е Јанко Дракулевски, кој по професија е софтверски инжeнер. Посочи дека сакал да го надгради софтверското знаење што го има во неговата област во која е стручен со поменаџерски вештини и поуспешно да го води бизнисот. -Главната разлика која можам да ја посочам и споредам со студиите во Скопје, е што тука наставата е со повеќе практични примери. Имавме предавачи од сите индустрии кои имаат реални искуства кои не се само академски професори. Тоа кај нас дефинитивно недостига. Кај нас, за жал, повеќето од професорите имаат само искуство на факултет и ништо повеќе, без практично искуство. Според анализата, Шефилд многу високо котира. Државата обезбедуваше стипендии за успешни студенти и луѓе кои работат во бизнисот и тоа беше причината поради која се одлучив за студии на Шефилд и близината, бидејќи Солун е многу блиску. Со формално образование би застанал засега, а би се посветил повеќе на бизнисот. Имам приватна фирма и ќе го доразвијам приватниот бизнис во Скопје, додаде Дракулевски. Иво Нешковиќ од Скопје, пак, кој дипломирал пред десет години на одделот за компјутерски науки, а почнал и со докторски науки, смета дека учењето на тој колеџ и целото искуство му помогнале во професионалната кариера и на приватен план, сите најдобри конекции му се од таму, а и после тоа со Алумни мрежата. -Сега предавам повремено на некои модули во некои години. Дипломирав пред десет години на одделот за компјутерски науки на Шефилд, кој сега е проширен заедно со бизнис информатика. Почнав и докторски науки тука. Најлесно ми беше да се определам за овие студии поради нивниот квалитетет и поради големината на дипломата, кои се неспоредливи со ништо друго во близина на Скопје, додаде Нешковиќ. Со диплома на отсекот здравствен менаџмент на „Шефилд Сити колеџ“ во Солун се стекна и Оливер Николов, претставник на една интернационална фармацевтска куќа кој води неколку франшизи во Македонија. Тој дипломирал во 2016 година. -Ова беше многу пријатно искуство, комунициравме со колеги од целиот регион. Она што е значајно е тоа што се размислува и се води целиот факултет на еден посебен начин, различно од нашите факултети. Навистина целото знаење што се стекнува и целото искуство е добро за напредокот во кариерата. Многу е интерактивно, професорите имаат практични искуства кои ги пренесуваат на студентите. Сето тоа треба да го имплементираме во Македонија и регионот, додаде Николов. Тоа што им преостанува на овие квалитетни образовни кадри е што побрзо да влезат на пазарот на труд во Република Македонија и да го применат своето огромно знаење и искуство, кои се главен предуслов за напредок, а сето тоа во насока на постигнување општествен и економски развој. Меѓународниот факултет на Универзитетот Шефилд, Сити Колеџ во Солун повеќе од две децении ги реализира програмите на Универзитетот Шефилд и на други локации низ регионот на Југоисточна Европа и Кавказ, давајќи им можност на студентите и професионалците да студираат за диплома од Универзитетот Шефилд во нивната земја. Извршната МБА програма е достапна во Солун, Софија, Букурешт, Белград, Киев, Ереван, Тбилиси и Баку, додека во Софија и Букурешт се нудат серија магистерски програми и низа програми за додипломски студии. Дипломата се доделува на студентите кои ги завршиле студиите на Универзитетот Шефилд, кој е меѓу 100-те најдобри универзитети во светот. Според светската листа за рангирање универзитети, тој е рангиран на 75 место во светот и на 22 место во Европа. Рената Пепељугоска


Администратор
01/12/2018 11:55