Компанијата ГСОЛ/Еуроникел преку соопштение информира дека Собранието на доверители со големо мнозинство има прифатено планот за реорганизација на „Фени Индустри“. Оттаму нагласуваат дека планот по втор пат е прифатен како позитивен и ветувачки за „Фени Индустри“.

– „Фени“ успеа да остане отворена, вработените и добавувачите да бидат платени, а економијата на земјата да има корист од над 100 милиони долари извоз во текот на последните 10 месеци од стечајниот процеес. Успешно ги обезбедивме финансиските, техничките и природните ресурси потребни за производство на никел, во тесна соработка со стечајниот управник и стотици вработени и добавувачи, се наевдува во соопштението.

Со денешното гласање, се додава во соопштението, „Фени Индустри“ е само еден чекор од конечното повлекување од стечај, а по позитивното гласање од Собранието на доверители, се очекува и судот да го потврди планот со одлука.

– Помина една година откако „Фени“ отиде во стечај, а во изминатите 10 месеци откако ГСОЛ/ Еуроникел потпиша договор за обработка на никел, не само што обезбедивме континуирано функционирање на фабриката, туку и во пракса покажавме дека го поседуваме потребното знаење, средства и ресурси кои се неопходни за фабрика како „Фени“ да преживее, но уште поважно да продолжи да ја развива и да ја креира својата иднина, вели Маркос Камхис, директор на ГСОЛ.

Од ГСОЛ наведуваат дека со реализацијата на планот за реорганизација ќе започне проширувањето на производството, почнувајќи од отворањето на втората печка и неопходната надградба на производството.

– Нашиот план ќе се фокусира на зголемување на производството, отворање нови пазари, обезбедување сигурност за вработените и враќање на „Фени“ на европската и светската карта како еден од најголемите процесори на фероникел, вели Герасим Кујунџиев, директор на „Еуроникел“, која е македонска подружница на ГСОЛ, одговорна за инвестициите и работењето со фероникел во Македонија.

ГСОЛ е меѓународен фонд за приватен капитал формиран во 2009 година, со фокус на природните ресурси, конкретно со фокус на метали. Оттаму велат дека имаат одлични и докажани резултати во обликувањето и работењето со фероникел на глобално ниво. – Во август 2015 година, ГСОЛ го стекна Falconbridge Dominican S.A.,целосно интегрирана компанија за производство на фероникел во Доминиканската Република, од Glencore, стои во соопштението.


Администратор
30/11/2018 14:13