Во чест на 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје денеска се одржа бесплатна едукативна тура „По стапките на ослободителите“, во која граѓаните имаа можност да се запознаат со клучните настани и локации поврзани со ослободувањето на градот пред 74 години.

Збирното место за учесниците во турата беше напладне, пред Музејот на илегалните работилници за оружје, на кејот на реката Вардар, a низ историските настани поврзани со ослободувањето на Скопје граѓаните ги водеше Бобан Ѓорѓиевски, професор по историја во СУГС „Кочо Рацин“. Присутните граѓани имаа можност да го разгледаат музејот сместен во некогашната работилница на електромеханичарот Серафим Видовски каде што е формирана првата илегална работилница за оружје во градот, а која работела од почетокот на август до 4 декември 1941 година, и да дискутираат за значењето на овој објект, за изложените експонати и за идејата за слобода.

Турата продолжи пеш кон Споменикот на деветте стрелани скопјани кај Камениот мост и кон плоштадот „Македонија“ каде што граѓаните дознаа нешто повеќе за улогата на плоштадот на денот 13 Ноември и спонтаната народна веселба што се одржала по ослободувањето на Скопје, а на која присуствувале главните чинители на ослободувањето и членови на президиумот на АСНОМ.

Едукативната тура заврши пред Споменикот на ослободителите пред Владата на Република Македонија каде што се говореше за настаните поврзани со заземањето на некогашната Женска гимназија.


Администратор
10/11/2018 16:35