Министерот за култура Асаф Адеми и амбасадорот на Израел Дан Оријан на денешната средба разговараа за досегашната соработка во областа на културата помеѓу двете пријателски земји, како и за нови проекти што ќе се реализираат во наредниот период.

Како што соопшти Министерството за култура, на средбата биле истакнати добрите културни врски што ги негуваат Израел и Република Македонија, кои се одликуваат со реализација на голем број проекти од сите дејности на културата.

Двајцата соговорници разговарале за процедурата на усогласувањето на посебна програма за културна соработка, со што би се интензивирала комуникацијата меѓу инстутуциите во двете земји. Во контекст на квалитетната размена на проекти и уметници, било нагласено дека во изминатите години се остварени гостувања на истакнати уметници од Израел во Македонија, но и на македонски уметници во Израел.

Како една од позначајните активности што се реализира изминатите години, било посочено отворањето на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија. На средбата било нагласено дека Македонија активно партиципира и во адаптацијата на павилјонот 17А, кој се наоѓа во Државниот музеј во Аушвиц – Биркенау, Полска, проект под покровителство на УНЕСКО во кој покрај Република Македонија учествуваат и сите земји од поранешна Југославија, соопшти Министерство за култура.


Администратор
08/11/2018 18:21