Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи на општина Центар“ воведува промени во зонската поделба на јавните паркиралишта, временското ограничување за користење на паркиралиштата, начинот на наплата на паркирањето и начинот нa користење на повластената паркинг карта за деловен субјект и вработени во деловен субјект.

Промените на зоните се однесуваат на трите најфреквентни јавни паркиралишта „Дебар маало“, „Буњаковец“ и „Капиштец“. Од денеска, секторот „Дебар маало“ од зона 1 ќе премине во зона 01, а секторите „Буњаковец“ и „Капиштец“ од зона 2 ќе преминат во зона 1. Со овие промени, велат од општина Центар, ќе се добие подобра организација на паркиралиштата и ќе се воведе поголем степен на контрола и ред во паркирањето на територија на општината.

Цените на еден час паркирање во овие три зони поскапува за 10 денари, односно важи цената за соодветната зона:

Зона 01 - 1 час 50 ден.

Зона 1 - 1 час 40 ден.

Зона 2 – 1 час 30 ден.

Во делот казнување, односно наплата за непратена порака за паркинг, ЈП Паркинзи на Општина Центар издава дневна паркинг карта која е во важност од моментот на нејзиното издавање до истото време наредниот ден и важи за паркинг зоната во која е издадена.

Дневната паркинг карта во зона 01 изнесува 1.200,00 денари, во зона 1 – 960,00 денари и во зона 2 – 720, 00 денари. Доколку издадената дневна паркинг карта финансиски се раздолжи во рок од 24 часа од моментот на нејзиното издавање, се смета како дневна при пејд карта и истата за зона 01 изнесува 600,00 денари, а за зона 1 и 2 – 400,00 денари.

„За побрзо информирање на граѓаните за промените во зонската поделба, ЈП ПОЦ веќе ги обнови старите 99 информативни табли, а во наредните неколку дена ќе постави и 88 нови табли, што значително ќе им го олесни користењето на услугите на граѓаните коишто ги користат паркиралиштата со кои стопанисува претпријатието и ќе им овозможи попрегледно и пофункционално паркирање во општина Центар“, велат од општината.


Администратор
07/11/2018 00:43