Очекувам да се изнајде храброст, да се надминат партиските и политичките предрасуди, спреги и да се внимава на иднината на државата, затоа што оваа шанса е неповторлива. Одлуката која ја носиме е со огромна одговорност и важност за иднината на граѓаните и верувам дека сите ние пред се и над се ќе мислиме на нашата држава, на децата и на генерациите кои доаѓаат после нас.

Ова денеска го истакна премиерот Зоран Заев, кој рече дека тоа што му е значајно е фокусот да остане навистина пред сериозната одговорност која е исправена пред сите политички чинители, политички избраници, народни избраници, пред се и на Парламентот.

Во врска со ставот на Османи дека има обезбедено двотретинско мнозинство, но дека се молчи бидејќи се врши притисок врз пратениците од опозицијата и колку има вистина во тоа, Заев рече дека и вчера во Собранието разговарал со пратениците.

- Сите се свесни и на сите им е јасно дека нема план Б. Ако оваа можност пропадне што после. Сите се ужаснати од помислата што после ако пропадне оваа можност. Бројката е огромна дури од опозицијата, голема е заради тоа што луѓето веруваат, тоа се општественици луѓе, и политичари, пратенции и сл. Веројатно заканата, непријатниот момент кој го живеат и доживуваат се причини до крај да не направат експресија на своите ставови, рече Заев.

Потенцира дека сите тие се одговорни личности, и мнозинството и она што е опозиција во Парламентот, сите се одговорни, сите знаат многу добро, исто како него дека оваа шанса треба да се искористи, заради тоа што е неповторлива.

- Сите знаат дека договорот од Преспа е фер и правичен, дека подобар не може да има, дека без договор нема ЕУ и НАТО, а без тоа нема економски прогрес, инвестиции, раст и развој, нема квалитетен живот дома. Верувам дека покрај дебатата, вчера почна да се создава амбиент на преземање одговорност, секој да си ги каже своите резерви, својата болка, својата мака, но на крајот на денот на гласањето треба да бидеме сите исправени и да донесеме храбра одлука, одлука за иднината на Македонија, посочи Заев.


Администратор
11/10/2018 20:32