Комитетот на Обединети нации за човекови права денеска ја повика Саудиска Арабија да ги запре воздушните напади врз цивилни мети во Јемен и кривично да ги гони одговорните за страдањето на децата во незаконските напади.

Саудиска Арабија ја предводи коалицијата на арапски држави со поддршка од Западот, кои ја поддржуваат јеменската Влада во борбата против Хутите, под чија контрола е главниот град на Јемен, Сана.

Во заклучоците од панелот на ОН, во кој учествуваа 18 независни експерти, се предупредува дека јеменските деца и понатаму се убиваат и повредуваат.

Експертите изразија загриженост поради „нефикасноста на тимот за заедничка проверка на инцидентите“, што беше формиран од страна на коалицијата во 2016 година. Тимот требаше да ги испита наводите за незаконските напади на Ријад и на членките на коалицијата врз децата и објекти во кои претстојуваат деца.

Во граѓанската војна во Јемен, која трае 3,5 години, загинале повеќе од 10.000 луѓе, додека во воздушните напади од 2015 година загинале најмалку 1.248 деца, а речиси исто толку се и повредени.

ОН исто така побара и прекин на воздушната и поморската блокада поради што повеќе милиони граѓани на Јемен гладуваат.


Администратор
11/10/2018 18:28