Албанската Влада до крајот на годината ќе ги затвори сите казина и спортски обложувачници во градовите и истите ќе ги дислоцира надвор од населените подрачја за да спречи зголемување на нивниот број, посебно во Тирана.

Албанскиот премиер, Еди Рама, изјави дека до 31 декември сите игри на среќа ќе мора да бидат дислоцирани надвор од градот, бидејќи било оценето дека „оваа појава не оди во прилог на народот и државата“.

- Оваа е одлука на Владата, која веќе го изготви и амандманот на Законот за игри на среќа, со кој дефинитивно нема да има место за активности на спортските обложувалници во градовите. Исто така ново е и тоа дека се затвораат сите локали за електронски игри на среќа кои сега се на главните улици во градовите во Албанија и ќе бидат достапни само во хотели со пет ѕвезди и се лоцирани надвор од градските средини, објавија албанските медиуми.

Рама во исто време побара од медиумите во земјата да престанат со рекламирање на обложувањето зашто во спротивно ќе бидат присилно затворени.

Медиуми наведуваат дека голем е бројот на Албанците кои секојдневно учествуваат во игрите на среќа и тој број е во постојан раст.

Тоа се илустрира со податокот дека текот на 2017 година албанските граѓани потрошиле над 130 милиони евра во казина, спортски обложувалници и лото.

Гледано по глава на жител, произлегува дека на игрите на среќа албанските граѓани годишно трошат по 46 евра, што е многу повисок износ споредено со земјите во регионот.

- Ставањето клуч на ваквите објекти во центрите на градовите, кои многу и нелегално работат, можеби ќе „излекува една социјална рана“ но ќе предизвика друга, бидејќи повеќе од 10.000 лица остануваат без работа. Во исто време за сопствениците на деловниот простор, ќе секне изворот на средства кои ги добиваат на име закуп на деловниот простор, кој главно се наоѓа на првите катови на објектите, наведуваат медиумите.

Инаку, само во осумте најголеми фирми за игри на среќа вработени се најмалку 7.000 албански граѓани, кои по 31 декември ќе останат без работа.


Администратор
11/10/2018 18:20