Претседателот на косовското Собрание и лидер на Демократската партија на Косово (ПДК) Кадри Весели, по денешната средба со претставници на неколку парламентарни партии, порача дека „Косово треба да биде обединето“ кога е во прашање дијалогот со Србија за конечно решавање на споровите меѓу двете земји, јави дописникот на МИА од Приштина.

Весели истакна дека нацрт-резолуцијата за дијалогот, која ја предлагаат владејачките партии, го содржи сето тоа што го побарала опозицијата, но дека таа секако може да се дополни со нови точки.

- Денеска бевме заедно за да го зајакнеме Косово во дијалогот. Косово треба да има единствен став за платформата за дијалогот. Косово не смее да и дозволи на Србија да демонстрира сила врз нас, лидерство повеќе од нас и да покажува партнерство повеќе од Косово. Резолуцијата која ја предлагаме го содржи сето она што го кажуваат опозицијата и власта, наведе Весели по средбата.

Освен претставници на владејачките партии – ПДК, Алијансата за иднината на Косово (ААК), Социјалдемократската иницијатива (Нисма) и Алијансата Ново Косово (АКР), меѓу кои и премиерот Рамуш Харадинај и вицепремиерите Фатмир Лимај и Беџет Пацоли, на средбата кај Весели учествуваа и претставниците на опозициските Алтернатива и Социјалдемократска партија на Косово (ПСД), пратениците Мимоза Кусари Лила и Дардан Сејдиу.

Средбата, како што и најавија претходно, ја бојкотираа двете најголеми опозициски партии, Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) и Движењето Самоопределување (ВВ), на кои Весели им порача дека не треба да го гледаат дијалогот со Србија како можност за да дојдат на власт.

- Имам една порака за ЛДК и ВВ: Не може да биде Косово, нејзините процеси и соочувањето со Србија бојно поле во борбата за власт. По значајна е територијата и иднината од секоја фотелја на власта. Историска грешка е ако со нашата поделеност ѝ дадеме простор на Србија да се покаже по силна од нас, посочи Весели.


Администратор
11/10/2018 17:05