Навремено и правилно укажана прва помош на повредени во сообраќајна незгода може да направи значајна разлика меѓу животот и смртта, е пораката на Општинската организација на Црвениот крст – Ресен на симулациската вежба за сообраќајна незгода и извлекување повредени што се одржа во дворот на гимназијата „Цар Самоил“ по повод Светскиот ден на првата помош – 8 Септември.

Вежбата се одвиваше под мотото „Не ви е потребна лиценца за да спасите нечиј живот“, а волонтерите на Црвениот крст од Ресен во соработка со средношколците од ресенската гимназија симулациски спасија три лица од запален автомобил.

- Со навремено и правилно укажана помош, симулациски беа спасени животите на тројцата патници во автомобилот. Додека траеше акцијата за спасување се слушаа и сирени од возило на Брзата помош, која ги презема повредените за натамошен третман, изјави Наташа Веловска, секретар на Црвениот крст од Ресен за МИА.

Според неа, интересот за следење на вежбата бил голем и се договориле наскоро да има друга слична симулација за спасување животи.

Општинската организација на Црвен крст – Ресен вчера реализираше и хуманитарна акција за собирање финансиска помош за операција и натамошно лекување на лице од селото Јанковец. За таа намена биле собрани 47.100 денари кои ќе бидат уплатени на сметка на семејството.


Администратор
08/09/2018 15:58