Спогодба за утврдување на најниската плата за најнизок степен на сложеност и за начинот на пресметување и исплата на платите во здравствената дејност потпишаа денеска во Владата министерот за здравство Венко Филипче и претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита Љубиша Каранфиловски.

Но Синдикатот на клинички центри преку соопштение до јавноста извести дека се согласува со минималната плата но не се согласува со зголемувањето на платите од 5 отсто.

Како што наведува во соопштението, за овој синдикатот е неприфатливо покачување на основната плата во здравството од 5 отсто за 2018 година, кое доколку така е планирано од Владата би било единствено покачување на основната плата на здравствените работници во периодот од 2017 година до крајот на 2018 година.

За Синдикатот на клинички центри не се прифатливи и пресметки кои вклучуваат додатоци на плата какви што се дежурствата во толкување на остварување на програмата на Владата 2017-2020 година која се однесува исклучиво на покачување на основната плата.

– Со покачување од 5 отсто сегашната основна плата на доктор специјалист од терциерно здравство од 38 827 денари би изнесувала 40 767 денари, односно истата би се зголемила за 1940 денари, а за медицинска сестра со средна стручна спрема со сегашна основна плата од 18 027 денари би изнесувала 18.927 денари, односно истата би се зголемила за 900 денари, се наведува во соопштението.

Според синдикатот, за да се оствари програмата на Владата 2017-2020 година за „двојно зголемување на основните плати на сите здравствени работници и платите на докторите специјалисти во терциерното здравство кои скалесто ќе се зголемуваат и ќе изнесуваат минимум 100.000 денари, односно 1 600 евра до 2020 година“, во наредните две години основната плата на доктор специјалист од терциерно здравство би требало да се покачи за 146 отсто, а на медицинска сестра со средна стручна спрема 91 отсто.


Администратор
06/09/2018 01:23