Министерството за одбрана ќе стипендира студенти на Факултетот за електротехника и информациски технологии кои се во последните години од студиите. Факултетот, пак, ќе обезбеди стипендии за постдипломски за вработени во МО.

Ова е дел од предвидената соработка меѓу двете институции, содржана во Меморандумот за соработка, кој денеска во просториите на Факултетот го потпишаа министерката за одбрана Радмила Шекеринска и деканот на ФЕИТ, Димитар Ташковски.

Шекеринска по потпишувањето изјави дека мотив на МО и на Владата во целина е подобрување на соработката со вискообразовните институции, а МО има пред се интерeс за потпишување вакви меморандуми особено со техничките факултети.

- Македонија е мала земја и своите капацитети и знаење, својата експертиза мора да ја чува и паметно да ја користи. РМ ја доби поканата за членство во НАТО и имаме кус и интензивен период на промени и во одбранбениот и во политичките сектори, кога не смееме да си дозволиме грешки. Ни требаат најискусните, оние кои ќе ја имаат епскетизата, тоа да го пренесат на следните генерации, нагласи Шекеринска.

Деканот на ФЕИТ, Ташковски изрази задоволство од потпишувањето на Меморандумот и можност за зајакнување на соработката.

Тој истакна дека двете институциите ќе соработуваат во неколку сегменти - доедукација на вработените, работа на проекти, дефинирање на стуидиски програми, консултантски услуги.


Администратор
27/07/2018 15:44