Членството во НАТО има позитивни ефекти за економијата и за животниот стандард на граѓаните. Тоа пред се значи безбедност и стабилност што води до зголемени инвестиции и отворање нови работни места, истакна министерот за финансии Драган Тевдовски пред почетокот на прославата во Струга за добиената покана за членство во алијансата.

Во изјава за МИА потсети дека двојно е намалена невработеноста во земјите што влегоа во НАТО во 2004 година во петгодишен период.

- Тоа значи дека се отворени значаен број нови работни места што пак води до зголемување на конкуренцијата, платите, а со тоа и животниот стандард на граѓаните. Задоволни сме и очекуваме економијата заради НАТО, заради безбедност, сигурност да се движи во позитивна насока. Продолжуваме со сите реформи за подигање на животниот стандард на граѓаните и нашата економија да оди напред, рече Тевдовски.

На прославата во Струга покрај градоначалникот Рамиз Мерко, пратеници и други функционери присуствувaше и заменик министерот за здравство Асим Муса, кој за МИА истакна дека поканата за влез во НАТО е значајна за стружани, но и за сите граѓани.

- Поканата за влез во алијансата значи стабилност и сигурност во државата, а со тоа доаѓаат и инвестициите, со што ќе се отворат нови работни места и ќе се подобри стандардот на граѓаните, изјави Муса.

Стружани и присутните ги забавуваа САФ, Бла Бла Бла и Маци Стојановиќ, а покрај во Струга поканата за влез на Македонија во НАТО се славеше уште во 14 други градови во државата.


Администратор
15/07/2018 01:57