Правосудството, полицијата и затворите во земјава се трите области во кои Европската унија е многу критично насочена и во континуитет даваше негативни оценки, порача директорката на Хелсиншкиот комитет на Република Македонија Уранија Пировска на дијалогот за политика на тема „Реформи за ослободување на државата“.

Дијалогот се одржува во рамките на проектот „Мрежа 23+“, имплементиран од ЕПИ и Хелсиншкиот комитет за човекови права, финансиран од Европската унија, а кофинансиран од Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград.

- Една од целите на проектот е не само да се следат состојбите во поглавјето 23, туку и да се коментираат политиките и реформите кои се спроведуваат во областа на правосудството, бидејќи неминовно влијаат на квалитетот во остварувањето на човековите права и слободи. Денеска ќе разговараме за човековите права и особено новитетите во рамките на реформските процеси како што е надоврешениот надзор над работата на полцијата и она што се случува во затворите, рече Пировска.

Таа нагласи дека граѓанските организации учествувале при изработката на Планот 3-6-9, но воопшто не биле вклучени во Планот 18, што денеска им бил презентиран од вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.

- Иако на денешната презентација Османи ни рече дека е драфт верзија, Планот 18 веќе го презентирал во Брисел и пред Делегацијата на Европската унија. Се разговараше за надворешниот надзор на работата на полицијата и тоа е влезено како мерка во овој план иако ќе мора да има доработувања, бидејќи консултативниот прцес мора да биде малку пролонгиран со учеството на граѓанските организации. Фактички од сега па натаму почнува консултативниот процес и тоа на наше залагање и притисок да им се даде барем една недела на граѓанските организации да имаат време да ги дадат своите заклучоци, рече Пировска.

Многу е важно, додаде, Планот 18 да ги содржи сите моменти за кои се боревме пред да се востанови новата влада и кога се подготвуваше Блу принт документот и Планот 3-6-9.

Гоце Коцевски од Македонско здружение на млади правници посочи дека Македонија при реформите во правосудството премногу се врзува со Европската унија, но, потенцира, не смее да се заборави дека таа област е битна и за нас граѓаните.

- Македонија е во процес на реформи во правосудството, но не можеме само врз основа на напишаното да следиме дали навистина ќе се подобрат состојбите во судството или не. Многу е важно да се фокусираме и на суштината, односно дали постои вистинска, а не само декларативна волја кај политичките елити и извршната власт да се тргнат од судството и да го остаат независно и дали во судската власт постојат соодветни капацитети и лица кои навистина можат да придонесат во подобрување на независноста и на професионалноста и стручноста на судството, посочи Коцевски.


Администратор
08/06/2018 15:28