Конфискацијата на нелегално стекнатиот имот е една од основите на владеењето на правото, но во Македонија институциите немаат капацитет тоа да го прават и постои потреба од професионализација и дообука на надлежните кадри.

Ова се дел од заклучоците од денешната конференцијата посветена на „Конфискација на имот и нелегално стекната имотна корист“, што во рамки на проектот „Мрежа 23“, а во организација на Институтот за европска политика се одржа денеска во Скопје.

Слаѓана Тасева од Транспаренси интернешнл вели дека конфискацијата како тема уште во 2004 година е прифатена и вградена во Кривичниот законик, има закон за кривична постапка, предвидена е целата процедура и ги имаме сите институции.

Потенцира дека сепак инситуциите немаат капацитет тоа да го работат.

- Институциите немаат капацитет тоа да го работат, почнувајќи од Јавното обвинителство, Дирекцијата за управување со одземен имот и сите други, кои треба да преземаат мерки. Зборуваме за нешто, но по се изгледа не сакаме тоа да се случи. Прашањето е зошто тапкаме во место и кога ќе почнеме ефективно да се занимаваме со мерката конфискација, порача Тасева.

Според судијата Лазар Нанев, неопходна е целосна мобилизација, дообука и допрофесионализација на овие кадри и во обвинителството и во судовите.

- Потребно е создавање на еден мултидисциплинарен тим, кој треба заеднички да работи од почетокот на спроведувањето на истрагата, па се до нејзнито завршување, кој ќе работи исклучиво на конфискација на имот, вели Нанев.

Тој смета дека за таа цел е потребно да има специјализирани јавни обвинители, но и судии, кои ќе работат исклучиво на случаи на конфискација на имот.

- Легализмот не може да биде половичен, ниту пак остварлив доколку не ги содржи сите потребни инструменти или механизми кои што ќе водат до целосна правна сатисфакција, истакна меѓу другото министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој исто така учествуваше на конференцијата. Додаде дека легализмот не е возможен, доколку нема силна волја кај оние кои се задолжени за спроведување на законите.

Спасовски потенцира дека конфискацијата на имот и нелегално стекната имотна корист е едно од есенцијалните правни начела во реално и објективно спроведување на законите, врз основа на кое може да се даде точна оценка за степенот на владеењето на правото.

Нагласи дека изминатите политиката успела да креира состојба на правно-политичка и институционална „заробеност“ на правдата и правото, наспроти природните и нужни интереси на граѓаните.

- Притоа доведувајќи не сега во позиција во која што постои само еден избор - конечно воспоставување на владеењето на правото, без никакви импровизации, без полурешенија, без компромиси, потенцираше Спасовски.

Тој ги презентираше приоритетите во делот на финансиските истраги по однос на нелегално стекнатиот имот и нотираше неколку клучни и досега преземени активности од МВР.

Напомена дека заради зголемување на ефикасноста и функционалноста на институциите задолжени за спроведување на законите, во прв ред на МВР, финансиската полиција, Управата за јавни приходи, Царинските служби, судовите, поставени се основите за отпочнување со работа на Националниот координативен центар за борба против организираниот криминал.

Станува збор за меѓуинституционално тело, кое што примарно има цел не само да ја олесни и интензивира размената на информации и податоци на инволвираните инстанци и прецизно да ги детектира и координира активностите на институциите.

Посочи и дека се зајакнати капацитетите на Одделот за сузбивање на организираниот криминал и корупција. Станува збор за кадровско зајакнување и редефинирање на неговата организациона поставеност и надлежностите.

Владата усвои и Стратегија за зајакнување на националните капацитети за водење на финасиски истраги и конфискација на имот со акционен план. Предвидено е до крајот на годинава, целосно да бидат функционални посебните организациони единици за водење финансиски истраги во повеќе институции.

- Ефикасната борба против организираниот криминал е единствено успешна доколку се детектира и одземе финансиската корист прибавена од кривичното дело. Па следствено на тоа примарна задача е воспоставување концепт за водење финансиски истраги што ќе одат напоредно со самата истрага за организиран криминал, нагласи Спасовски.

Целта на проектот „Мрежа 23“е да придонесе кон вградувањето на принципите на владеење на правото во Република Македонија, особено низ призмата на Поглавјето 23 од пристапувањето кон ЕУ - правосудство, темелни права и борба против корупцијата.


Администратор
08/06/2018 15:20