Економија
Вкупните депозити со годишен раст од 10,5 отсто, а кредитите од 13,6 проценти
Вкупните депозити во јануари на годишно ниво се зголемени за 10,5 %, во поголем дел поради порастот на депозитите на секторот домаќинства. Вкупните кредити, пак, бележат зголемување од 13,6 % под влијание на растот на кредитирањето кај двата сектора, со поизразен придонес во корпоративниот сектор, соопшти Народната банка.
Паричната маса во јануари 2026 година е намалена за 1,4 % на месечна основа, во поголем дел како резултат на падот на краткорочните депозити и на депозитните пари при негативен придонес и на готовите пари во оптек и на долгорочните депозити до две години. На годишно ниво, паричната маса бележи зголемување од 10,7 % поради растот на депозитните пари и краткорочните депозити при помал раст и на готовите пари во оптек и на долгорочните депозити до две години.
Вкупните депозити остварија месечен пад од 1,0 %, што се должи на намалените депозити на двата сектора, со поизразен придонес на депозитите на корпоративниот сектор. Годишниот раст на вкупните депозити изнесува 10,5 % и во поголем дел произлегува од зголемувањето на депозитите на секторот домаќинства.
Вкупните кредити се зголемени за 0,5 % на месечно ниво поради зголеменото кредитирање на двата сектора, со малку поголем придонес на секторот домаќинства. На годишно ниво, вкупните кредити забележаа раст од 13,6 % под влијание на растот на кредитите кај двата сектора, со поизразен придонес на корпоративниот сектор.
Во јануари депозитите на корпоративниот сектор забележаа месечно намалување од 2,1 % како резултат на намалувањето на краткорочните депозити, во услови на остварен раст на депозитните пари и на долгорочните депозити. Споредено на годишна основа, депозитите на корпоративниот сектор бележат зголемување од 9,8 % поради растот на депозитните пари и на краткорочните депозити, во помала мера и на долгорочните депозити во денари, а долгорочните депозити во странска валута забележаа намалување.
Кредитите на корпоративниот сектор во јануари се зголемија за 0,4 % на месечна основа, во поголем дел поради повисоките кредити во денари при помал раст и на кредитите во странска валута. Во споредба со јануари претходната година, забележан е раст од 16,2 %, кој во целост произлегува од зголеменото кредитирање во денари во услови на пад на кредитите во странска валута.
Овој месец вкупните депозити на домаќинствата остварија месечен пад од 0,4 % како резултат на намалените депозитни пари, а другите компоненти забележаа раст. Годишниот раст изнесува 11,3 % и во најголем дел се должи на повисоките депозитни пари, долгорочните депозити во денари и краткорочните депозити во странска валута.
Кредитите на домаќинствата во јануари бележат месечно и годишно зголемување од 0,5 и 11,2 %, соодветно, како резултат на зголеменото кредитирање во денари и во странска валута, со поизразен придонес на кредитите во денари.
Анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, кај потрошувачките кредити, како најзастапена категорија, е остварен месечен пад од 0,2 % при годишен раст 10,7 %, а станбените кредити се зголемени за 0,7 и 16,1 % на месечно и на годишно ниво, соодветно. Во јануари автомобилските кредити бележат месечно и годишно зголемување од 0,1 и 0,7 %, соодветно. Кај кредитите одобрени на кредитните картички е забележано месечно и годишно намалување од 0,9 и 5,2 %, соодветно, а кај негативните салда на тековните сметки е остварен месечен и годишен раст од 15,0 и 0,8 %, соодветно.
Кредитите одобрени врз други основи во јануари се намалени за 1,7 и 11,8 % на месечна и на годишна основа, соодветно, се наведува во соопштението од Народната банка.
февруари 20, 2026

